Како изгледа еден работен ден од дома на нашиот тим за техничка поддршка?

Пандемијата и коронавирусот нѐ соочија со нов предизвик како фирма, а тоа е да се создадат услови и сите вработени да ја завршуваат својата работа од дома.

Секако, дружбите од канцеларија ни недостасуваат многу, како и кафето што го пиевме за време на пауза. Но, со дневните состаноци што ги имаме, се трудиме колку што можеме да ја надополниме дружбата. Во изминатиов блог пост видовме како нашиот веб тим работи од дома, а сега ќе ги видиме членовите на support тим како се снаоѓаат и како изгледа нивниот работен ден.

Катерина Трајковска која веќе е четири години во МКхост вели:

„Нашата фирма веднаш ги презема сите мерки за да ги заштити вработените. Овозможени ни се сите услови за соодветна работа од дома. Работата од дома ми овозможи повеќе можности за да внимавам на исхраната и промена на некои навики, па така денот го започнувам со свеж сок наместо со кафе. Потоа започнувам со разгледување и распределување на дневните задачи, одговарање на мејлови, тикети, како и координирање на состаноци заедно со колегите.”

Канцеларијата на Катерина моментално е преселена во нејзиниот двор којшто е исполнет со цвеќиња и зеленило, за кој вели дека ја потсетуваат на канцеларијата во МКхост каде што таа беше одговорна за зеленилото и цвеќињата.

„Во текот на целиот работен ден сум во комуникација со колегите со цел навремено завршување на зададените задачи, како и квалитетна техничка поддршка на нашите корисници. Нашите тимови одлично се прилагодија на промените кои ги донесе моменталната ситуација и сите меѓусебно имаме координирана и коректна работа.”

Катерина е „виновникот” за иницијативата да се воведе здрава исхрана помеѓу колегите и знае да ни дофрли по некој здрав рецепт.

Бојан Петрушевски кој од неодамна е дел од support тим додава:

„Мојот работен ден во тимот за поддршка на МКхост започнува со преглед на тикети и мejлови и правење план за работа на тековниот ден. Утринско кафе, пријатна атмосфера за работа и денот започнува.”

Тука е и нашата извршна директорка. Билјана Шијаковска, која вели дека работењето од дома си има и свои предности и недостатоци.

„Корона периодот на сите ни падна тешко, најмногу затоа што веќе трае предолго време. Среќна сум што МКхост како компанија брзо и лесно се преориентира со работа од дома, така што веќе повеќе од 1 година работиме во домашни услови. Благодарна сум што правам нешто повеќе пред сѐ за заштита на своето семејство, за своја заштита како и за целото општество.”

На Билјана денот ѝ започнува доста порано пред работа, со кафе и овошно смути. Потоа почнува со работните обврски.


„Иако брзо се преориентиравме и чувствувам дека квалитетот на работата не е намален, сепак сметам дека психолошкиот аспект на целата работа од дома е многу понегативен. Поголема психичка оптовареност, повеќе мисли на сите страни, измешани домашни и професионални обврски… Брзање да се стигне сѐ пред полициски час, а да се остане безбеден, беше и за жал сѐ уште е голем предизвик.”

„Работиме тимски и постојано комуницираме, па воопшто не се чувстувам изолирана од тимот, но ми фалат утринските дружења, кафе и состаноци во живо, каде освен факти и што е сработено, знаевме и добро да се изнасмееме и да си дадеме уште поголем мотив за работа.”

За Билјана најголем предизвик е менаџирањето на просторот и времето за работа како професионално вработена мајка, посебно во делот кога градинките се затворени, или цела група е во изолација.

„Неретко се случува измеѓу состаноци да работам меѓу мечиња и играчки, но глобално организацијата ја совладавме и сега секој има свое ќоше за мотивирачка работа. Се трудам да го извлечам најдоброто од работењето од дома, меѓу игри и пеење да го извадам професионалниот максимум и да научиме нешто повеќе, сонувајќи за враќање во канцеларија.”