Како изгледа еден работен ден од дома на нашиот веб девелопмент тим?

Работата од дома која почна да се практикува во целиот свет, не изостана и во функционирањето на МКхост.

Како тим веќе година дена работиме од дома. Пандемијата на новиот коронавирус го смени начинот на кој луѓето работат, а речиси сите професии што би можеле да се преселат од канцеларијата во нивниот дом го сториле тоа.

Работата од дома има голем број на предности, но и недостатоци. Ни недостигаат дружбите, шегите од канцеларија, ни недостигаат паузите за кафе. Сите ние ова работење од дома го доживеавме помалку стресно, но и попродуктивно. Прилагодувањето на работење во „домашна канцеларија“ траеше некое време.

Те интересира како изгледа еден работен ден на нашиот веб девелопмент тим? Погледни како се снаоѓаат членовите на тимот кои се грижат за веб дизајнот, како и за софтверските решенија на нашите корисници.

Ирена Маџовска, одговорна за комуникација и координација со веб клиентите, вели дека ѝ недостига дружењето и цезар салатите кои ги нарачувавме во канцеларија. Сепак, и во ова виртуелно време, знае да најде одредена мотивација и можност да остане во контакт со колегите.

„Поради ситуацијата со КОВИД, дружењето се сведе на еден поинаков, online начин. Можам да кажам браво за Кате и Мартина што нѐ мотивираа и го промовираа здравиот начин на живот, како и за убавата навика што ја стекнавме во ова време.“

Ирена работниот ден го започнува сок, и вели дека така се расонува, наместо со кафе.

„Потоа одговарам на маиловите, и правиме состанок со колегите од веб. Разговораме за дневните таскови, потоа имаме состанок со клиентитe. Предизвик е да се координираат сите дневни состаноци и повици каде што клиентите ќе бидат задоволни, да се ислушаат сите нивни барања околу нивните веб решенија и за истите да добијат квалитетна поддршка од наша страна.“

Бојан Крстевски, кој е веб девелопер во МКхост вели дека откако невидливиот непријател ја зафати и нашата држава, МКхост веднаш ги презема сите неопходни чекори за заштита на своите вработени.

„Прв чекор кога започнавме со работа од дома ми беше да направам мала домашна канцеларија, со цел да ја приближам атмосферата која ја имав додека работев во канцеларијата на МКхост. Овој стил на работа со себе си носи свои предности и недостатоци. Така на пример, кога се работи на некоја покомплексна задача, осаменоста го зголемува нивото на посветеност и фокусираност, додека пак од друга страна тука недостасуваат сите тие паузи за кафе и смеења со колегите кои нѐ релаксираа доволно за да може да продолжиме понатаму со работа.

За разлика од Ирена, Бојан го започнува денот со топло кафе.

„Здраво дечки. Како сте? Ајде да ги видиме сите работни задачи за денес. – Вака ни започнува еден секојдневен работен состанок. Откако ќе ги распределиме сите работни задачи, јас си го организирам времето и почнувам со работа.“

Марија Димитријевска како веб девелопер во тимот на МКхост, вели дека со своите колеги имаат интересна стратегија за работење од дома.

„Знаеме добро да си ги поделиме нашите обврски и да се насочиме кон целта. Мене секое утро ми започнува со едно виртуелно кафе. Морам да кажам дека како тим сме одлични, имаме одлична комуникација и состаноците кои ги имаме ни допринесуваат кон успешност на целиот тим, како и задоволни клиенти кои нам ни се и приоритет како фирма.“

Што смета Марија за работењето од дома? Како да се пронајде мотивација во време на изолираност?

„Сигурно се прашувате како да ја најдете канцелариската мотивација и посветеност додека ги уживате благодетите на својот дом? За почеток, истуширајте се. Потоа облечете друга облека, што не се вашите пижами. Макар и да е кошула. Ќе се чувствувате и многу поубаво кога ќе се вратите повторно на удобната облека после работното време.“

Таа смета дека и паузите се многу значајни за поконцентрирано работење. Многу е важно да се направи работна атмосфера која навистина ќе одговара добро.

„Следно што може да направите е да си одредите време за кафе пауза, oдвојте половина час кој ќе го потрошите само на тоа. Потоа повторно се враќате на работа. Најдобро е да го држите телевизорот исклучен во тек на работното време или да си пуштите некоја добра музика која одлично оди со вашите задачи за тој ден. Тргнете го далечинското од вашиот поглед и така нема да паѓате во искушение. Клучот на успехот е работното место. Одберете го местото кое најмногу ви одговара. Направете си своја мини-канцеларија, макар и да е трпезариската маса. Ова е мојата тајна на успешна работа од дома и дефинитивно функционира.“