Како името на доменот влијае на SEO?
Кога креираш нов веб сајт, доменот е еден од клучните елементи што е потребен за да имаш онлајн присуство. Името на доменот секако игра голема улога при градење на имиџот на брендот, како и релевантноста што ќе ја има при пребарување.
Едно од почестите прашања што ни се поставуваат е – Дали името на доменот влијае на SEO? Секако пред лансирањето на веб сајтот, треба да се разгледаат сите начини како со помош на SEO може да се зголеми сообраќајот на сајтот. Меѓу нив е и името на доменот.
Домените се составени од три дела: TLD, името на доменот и поддомен. Комбинацијата од името на доменот и TLD (екстензијата), се всушност “коренот” на доменот. „http://“ или „https://“ е дел од URL-то на страницата, но не и од името на доменот, Тој е познат како „протокол“.

TLD (Top Level Domain) – Екстензија
TLD е формален термин за суфиксот што се појавува на крајот на доменот. Најчести TLD се:
.com
.net
.org
.edu
Иако веројатно сите сме запознаени со екстензиите наведени погоре, всушност постојат над 1.000 можни TLD од кои може да се избере. Доколку имаш специфичен бизнис кој сакаш да го издвоиш од останатите, постојат т.н. nTLD (new top level domains) како што се .online, .coffee, .design. Останатите nTLD наставки можеш да ги погледнеш тука.
Име на домен
Имињата на домените се на второ ниво на хиерархијата на доменот после TLD. Пребарувачите (Google, Bing), ги користат клучните зборови (keywords) од имињата на домените и знаат да бидат фактор при рангирање. Кога се бира име за домен, најважно е корисниците да го препознаат брендот, бизнисот и услугите што бизнисот ги нуди. Оптимизиран домен е оној домен кој што е релевантен, брендиран и ја пренесува соодветно содржината на веб сајтот. Една од специфичните функции на алгоритмот на Google е да ги „препознае“ суфиксите, името на доменот како и TLD, и соодветно да ги прикаже при пребарување.
Предлози за оптимизација на домен
Прво, не мора да имаш клучен збор во името на доменот за да веб сајтот се рангира добро на пребарувач. Пребарувачите подобро ги рангираат веб сајтовите кои што имаат релевантно име на домен, отколку оние кои што имаат клучни зборови. Предлози со кои можеш да ја подобриш оптимизацијата: 👇
Уникатно име
Стреми се кон имиња на домени кои се кратки, лесни за паметење, лесни за пишување и лесни за изговарање. Ова е особено важно при рекламирање – mouth to mouth – или од „уста на уста“, каде што новите посетители ќе треба да го запомнат и точно да го внесат името на доменот. Затоа подобро е да не се вклучуваат бројки или други нестандардни карактери во името на доменот, или пак доменот да не биде подолг од 15 карактери.
Користи ги клучните зборови по потреба
Ако можеш да вклучиш клучен збор (keyword), што ќе помогне да се разјасни за дејноста на твојот бизнис, а воедно името на доменот е уникатно и одговара на брендот, тогаш направи го тоа. Но, не користи име на домен за кое ќе сметаш дека ќе биде „богато“ со клучни зборови и тоа би изгледало вака: евтинимаичкископје.mk.
Избегнувај користење на цртичка
Ако името на твојот домен има две зборчиња, (примервебсајт.com.mk), за полесно читање можеби ќе сакаш да ги разделиш зборчињата со цртичка (пример-вебсајт.com.mk). Но некогаш, ваквите домени можат да бидат третирани како спам. Затоа е најдобро, ако веќе мораш да го разделиш името на доменот, тоа да биде најмногу со една цртичка.
Користи кратко име за домен
Според истражувањата, најпопуларните веб сајтови, содржат 6 карактери во името на доменот. Кога името на доменот е кратко, полесно е за памтење. Затоа при креирање на доменот, бирај име кое што содржи најмногу од 6 до 10 карактери.
Домен и поддомен
Пребарувачите имаат различни метрики за домени и за поддомени. Иако многу често од Google имаат изјавено дека во поглед на рангирање, содржината што е на поддомен се индексира исто како и содржината што е на домен, се препорачува дека е подобро содржината да се распредели во подфолдери, отколку на поддомени.
Исто така, едно од почестите прашања е дали староста на доменот (колку време е регистриран) влијае на SEO? Одговорот е дека не влијае. Не е важно дали доменот е регистриран 6 месеци или 10 години. Тоа не игра никаква улога при рангирање на пребарувачите.
Секако, набројаните предлози за оптимизација нема да влијаат многу доколку не се испочитувани останатите препораки за оптимизација на веб сајт (title tag, meta tag, H1, H2…). Квалитетот на содржината на веб сајт е сè уште број еден фактор за подобро рангирање на пребарувач. Но, знаејќи ги овие препораки, со избор на добар и уникатен домен кој што одговара за твојот бизнис, можеш да го подобриш CTR (click through rate), да изградиш добар и препознатлив бренд, како и да имаш поголеми можности помеѓу конкурентите.