Што означуваат најважните термини кои се среќаваат при работа со хостинг?

Сакаш да започнеш сопствен веб сајт, но не ти е целосно јасна специфичната терминологија? Овој пост ќе ти помогне детално да разбереш што точно означуваат некои од важните базични термини кои можеш најчесто да ги сретнеш при работа со веб хостинг.

Веб хостинг

Хостингот претставува простор алоциран на сервер, наменет за корисникот да може да го прикачи својот веб сајт, апликација или проект онлајн. Еден веб сајт мора да биде прикачен на хостинг за да биде достапен за сите на интернет мрежата.

Хостинзите во комерцијална продажба најчесто се делат на shared (споделени), каде повеќе корисници делат ист сервер, како и dedicated (дедицирани), каде еден корисник има целосен сопствен сервер за своите потреби.

Хостинг простор

Овој параметар зависи од капацитетот на серверот, како и од пакетот кој го нуди хостинг компанијата. Просторот се изразува во MB, GB или TB, и се троши во зависност од фајловите кои се поставуваат на хостингот, а тоа можат да бидат – текстови и слики кои се поставени на сајтот, емаил пораки кои пристигнуваат или се праќаат преку овој хостинг и слично.

Сообраќај (bandwidth)

Овој термин го означува протокот на податоци и сообраќајот кој се одвива преку хостингот. Најчесто зависи од бројот на посетители кои ги има сајтот во текот на определен период, односно колку повеќе посетители на сајтот – толку поголема потрошувачка на bandwidth.

Многу важно влијание има и колкави се фајловите и податоците поставени на веб сајтот. Така, ако еден page кој се посетува „тежи“ 10 MB, и биде пристапен од 10.000 корисници, тоа значи дека хостингот ќе потроши 100.000 MB (100 GB) за да ги издржи овие посети.

Контролен панел (Control panel)

Контролниот панел е место од кое можеш полесно да менаџираш со твојата хостинг услуга, како и сите сајтови и домени кои се поставени на истиот овој хостинг. Најпознати се cPanel за Linux хостинзи, како и Plesk за Windows хостинзи.

Преку контролниот панел може да се пристапи до сите фајлови на хостингот, можат да се креираат емаил адреси, како и да се следат емаил пораките кои пристигнуваат и се испраќаат, да се контролираат малициозните фајлови кои можат да се појават на хостингот, како и да се инсталираат разни платформи и апликации кои ќе бидат од значење за работата на сајтовите кои се поставени.

Content Management System (CMS)

Од голема помош за управување на веб дизајнот на сајтот е системот за менаџирање на содржина, или CMS (Content management system). Тоа е програмска апликација која динамично управува со содржините на веб сајтовите, и истата се инсталира и контролира преку контролниот панел на хостингот.

Главната придбивка од CMS е во тоа што со негова помош, фокусот е во градење на содржината на веб сајтот, а не во неговата структура. Според истражувањата во 2021-ва година, над 40% од веб сајтовите во светот се базирани на WordPress, со што овој CMS претставува најпопуларна платформа за креирање сајтови.

Домени и addon домени

Домен претставува уникатно име кое е карактеристично за секој веб сајт. Кога креираш нов веб сајт, доменот е првиот важен елемент кој ќе го издвои твојот сајт од останатите.

Домените се уникатни и не може да постојат два исти домени. Од друга страна, можно е да има две исти имиња со различна наставка (пр. mkhost.org, mkhost.com и слично).

Во зависност од хостинг пакетот кој е закупен, преку контролниот панел може да се поставуваат и дополнителни addon домени, кои функционираат како засебни домени, и преку кои можат да се направат посебни веб сајтови на истиот хостинг.

Backup

Во текот на работењето на еден веб сајт, можат и да се случат несакани моменти, кои треба да се антиципираат однапред и да може да се превенираат брзо.

Тоа значи дека постојано треба да се има бекап (backup) од сајтот, кој што е повеќе од потребен поради ненадејно губење на податоците, независно дали поради клиентска ненамерна грешка, хакерски напад, или пак хардверски проблеми на серверот.