Како коронавирусот ќе влијае врз онлајн бизнисите?
Најголемата здравствена криза во 21-виот век која го зафати човештвото без сомнение ќе има големо влијание врз светската економија, а оттука и во онлајн сферата.
Токму во овој момент се случува веројатно историски рекордна посетеност на интернет мрежата, но многу од долготрајните последици се сѐ уште нејасни.
Кои се генералните ставови кои кружат помеѓу инволвираните во оваа област?
Сите се по дома, сите се онлајн
Првичниот ефект, кој е многу евидентен во „реално време“, е енормното покачување на користење на интернет мрежата во светски рамки. Во Европа побарувачката е до толку зголемена, што Netflix и YouTube веќе го намалија квалитетот на видео содржините. Во САД телекомуникациските оператори исто така објавија зголемен интернет сообраќај и користење на VPN мрежи.
Од компанијата Ookla која стои зад сајтот Speedtest.net, објавија дека моменталната состојба на широкопојасниот интерес е генерално добра, меѓутоа зголеменото користење на интернетот за работа од дома и употреба на видео содржини (во кои спаѓаат и видео конференции) значително влијае на просечната брзина која ја добиваат корисниците во овој период.
Но, освен за работни потреби, корисниците го употребуваат интернетот и за сите нешта кои ги користеа и до сега – вести, забава и едукација. Сега, само во многу поголеми количини, со цел да бидат навремено и детално информирани.

Промена во навиките на потрошувачите
Нема дилеми дека оваа пандемија почнува да влијае и на начинот на кое светското население ги извршува своите потреби за купување. Затворањето на многубројни физички објекти (продавници, ресторани, кафулиња…) во моментов прави пресврт во навиките на потрошувачите.
Проценката на бизнисите кои се занимаваат со онлајн продажба, посебно на продукти важни за секојдневно функционирање во овие кризни времиња (храна, средства за домаќинство, здравје, козметика…), е дека во овој период ќе забележат зголемен обем на продажба.
Според статистиките на Quantum Metric објавени во Digital Commerce 360, од почетокот на 2020-та, онлајн продажбата во САД се зголемила за 52%, додека процентот на луѓето кои купуваат онлајн се зголемил за 8,8%.
Проблеми иницирани од физички фактори
Меѓутоа, онлајн бизнисите во голема мера знаат да зависат директно или индиректно од физички фактори. Имаш сајт за онлајн резервација на хотели? Туризмот е сепак физички продукт кој во моментов нема услови да се реализира во својот полн капацитет.
Или пак, можеби имаш онлајн продавница за продажба на книги (или други физички предмети)? Добро знаеш дека проблемите со пратки во услови на затворени граници насекаде низ Европа и светот можат да претставуваат препрека во непречена испорака до крајниот корисник.
Сето ова значи дека како во целиот економски циклус, така и во процесот на е-трговија и онлајн продажба се јавуваат несакани ефекти и последици во овој период.
Последици за оние кои моментално имаат сајт
Во исто време, Google излезе со свои препораки за сопствениците на сајтови за ова кризно време.
И тие се свесни за последиците кои може да ги претрпат многу онлајн бизниси, но во никој случај не препорачуваат „целосно исклучување на сајтот, бидејќи тоа може да влијае на идното рангирање (SEO) на овој пребарувач“.
Оние кои веќе имаат сајт, треба добро да размислат како може да го одржат истиот, дури и на некој оптимален минимум, со цел да може од оваа криза да излезат уште посилни.
МКхост, исто така, во изминатиов период излезе во пресрет на сите клиенти кои имаа дополнителни потреби произлезени од вонредната ситуација.

Дали е идеално време да се стартува со нешто ново?
Во моментов, кога за жал, многу луѓе остануваат без своите работни места, и многу луѓе се принудени да останат дома, останува голем простор за размислување. Евидентно е дека многу работи ќе бидат променети во наредниот период.
Истражувањата на Nielsen покажуваат дека кога ќе заврши овој циклус, населението многу повеќе ќе внимава на здравјето како фактор, и оттука, ќе се фокусира повеќе на онлајн купување како алатка за завршување на купувачки потреби.
Од друга страна, маркетинг истражувањата покажаа дека во овој период буџетите за банери, социјални медиуми и телевизија ќе бидат намалени, но во исто време се очекува пораст на буџетите за paid search (како Google Ads). Тоа значи дека фокусот се става на „intent marketing“ и на директните пребарувања и интереси на корисниците.
Токму во овој период, ќе се „буди“ и креативноста на многумина кои ќе сакаат да отворат сопствен бизнис, а посебно оние кои ќе се фокусираат на онлајн бизнисите.
Многумина ќе го искористат овој период да научат нови работи (што отвора простор за развој на онлајн едукациски содржини и програми), да читаат и гледаат аудовизуелни дела (што ќе поттикне развој на нова онлајн содржина, и дополнително ширење на бизниси како стриминг сервиси)…
Можностите за старт на нешто ново се неограничени онлајн, дури и во ваква состојба.
Време на поврзување
Најважна лекција што сите заедно како општество ја научивме од целата ситуација е дека, на крај, здравјето е навистина најважно.
А, вакви вонредни околности прават ефект на „поврзување“. Моментално сите сакаме да се поврземе за да бидеме во тек со настаните и да излеземе од оваа криза уште посилни.
Ова поврзување ќе се одвива како на ниво помеѓу индивидуи во колектив, така и помеѓу индивидуите и бизнисите. Така што, ова претставува идеално време во кое бизнисите не треба да гледаат да направат краткотраен профит, туку долгорочно „поврзување“ и градење на квалитетен бренд во соработка со потрошувачите.