Зошто треба да испиеш кафе во Umbrella?

Денес животот без интернет и социјалните медиуми скоро и да не можеме да го замислиме. Без разлика дали интернетот го користиме за ширење на добра порака, работа или пак забава, оваа алатка станува неизбежен дел од нашето секојдневие.

Користењето на интернетот го менува и начинот на тоа како се социјализираме и интегрираме во општеството, па дури и тоа како го пиеме нашето омилено кафе.

Ги посетивме нашите пријатели од кафулето Umbrella во Градскиот трговски центар во Скопје. Umbrella го одбра токму МКхост како свој партнер со кој заеднички ја шириме нивната важна општествена порака преку онлајн просторот во јавноста.

Бевме многу пријатно изненадени од опуштената атмосфера и од прељубезниот персонал кој најтопло нѐ пречека. Поразговарвме со Кате, која ни раскажа како изгледа еден работен ден кај нив и како користењето на интернетот и социјалните медиуми им помага полесно да ја рашират пораката и целта на нивното работење.

За почеток, неколку збора за Umbrella.

Која е Umbrella и што ја прави различна од други локали?

Umbrella е првиот, но и единствениот локал во Македонија кој што се стреми кон тоа да направи инклузија на сите личности кои на некој начин се поразлични, да им даде шанса да можат да живеат нормално. како и да не бидат дискриминирани. Започнуваат со работа на 7-ми октомври минатата година, а до сега имаат вработено 10 лица со попреченост.

Идејата на сопственикот на Umbrella е да покаже дека без разлика на попреченост, различноста е тоа што ја прави Umbrella посебна. Многу е важно нашето општество да почне да ги прифаќа и малку поразличните и да им даде шанса да си го остварат правото да имаат достоен живот како и можноста сами да заработуваат – вели Кате.

Како изгледа еден работен ден?

Секој ден е различен, динамичен, неизвесен. Се соочуваме со секакви предизвици. Имаме и добри и лоши денови, но на крај на денот насмевката и задоволството на нашиот персонал прави да се чувствуваме добро и да продолжиме да работиме.

Umbrella се стреми активно да организира секакви настани од работилници, социјални настани, афтер ворк забави. Покрај примарната цел, да обезбеди работни можности, се труди и преку работа да ги социјализираат, едуцираат и да развијат емоционална интелигенција кај вработените.

На прашањето дали и каква разлика се забележува кај вработените од почетокот до сега, Кате ни вели: Голем прогрес се забележува, позадоволни се, посреќни и желни за работа. Од лица кои воопшто не разговарале со други луѓе освен со нивните домашни, до целосна промена и комуникација со посетителите на локалот. Си створиле работни навики и обврски кои успешно ги извршуваат.

На прашањето колку луѓето во Македонија се запознаени со нивниот локал и целта на работењето, ни објаснуваат дека се трудат преку нивните профили на социјалните мрежи (Facebook, Instagram) како и преку нивниот сајт umbrella.mk да допрат до поголем број на онлајн корисници и да ги информираат за дејноста на нивниот локал.

Поразговаравме и со неколку вработени кои што ни кажаа дека откако почнале да работат во Umbrella, животот им се сменил на подобро. Се чувствуваат посреќни, поисполнети и дека едвај чекаат да дојдат на работа, подготвени да го послужат првото кафе. Позитивната атмосфера, љубезниот персонал, убавата храна и кафе се само дел од причините зошто треба да го посетите овој локал.

Да бидеме општество кое ги прифаќа различните лица и им дава шанса да бидат вклучени во нашиот секојдневен живот. Со едно испиено кафе во локалот можеш да придонесеш многу, а тие ќе ти возвратат со насмевка и ќе ти го направат денот уште поубав.