Која платформа да ја изберам за мојот веб-сајт?

Изборот на платформа за веб-сајт е еден од главните фактори кои го детерминираат квалитетот и успехот на вашето онлајн делување. Освен што е од пресудно значење за финалниот изглед на она што го оставате како достапно место на Интернет кое треба да го гледаат вашите посетители, кои градат сопствен впечаток кој ќе влијае на тоа дали ќе ги „купите“ и во наредниот период, истовремено е и од големо значење за вас како креатори на содржината. Многу е важно да потрошите многу повеќе време да ја исполнувате содржината на вашиот веб-сајт, отколку да се посветувате да разрешувате разни технички прашања и проблеми.

Навидум изгледа дека веб дизајнот треба да биде една од најкомплицираните работи при изградба на еден веб-сајт. Добрата вест е дека денес веб дизајнот не е алатка која ја разбираат само IT стручни лица кои се разбираат во програмирање. Денес со помош на user friendly софтвери и системи и туторијали како што е и овој, секој може со одвоено малку време и едукација да биде архитект на своето онлајн место.

Од голема помош за поедноставување на „митот“ наречен веб дизајн е системот за менаџирање на содржина, или CMS (Content management system). Тоа е програмска апликација која динамично управува со содржините на веб-сајтовите (најчесто портали и блогови). CMS дозволува управување без да е потребно познавање на програмски јазик. Всушност, главната придбивка од CMS е во тоа што со негова помош, фокусот е во градење на содржината на веб-сајтот, а не во неговата структура. Многу од работите при изградба на еден веб-сајт би биле значително отежнати и побавни доколку се градат од почеток, без да се користи CMS. Постојат многу различни CMS од кои најважни се оние кои се open source, односно масовно достапни и слободни.

WordPress, Joomla и Drupal се „големата тројка“ кога станува збор за open source системи за менаџирање на содржина. Заедничкиот пазарен удел на овие три платформи е поголем од 70%. Иако конкурентски производи, овие три системи имаат повеќе сличности, отколку разлики, благодарение на стандардизацијата што ја наметнува информациската ера. Сепак, секој од овие софтвери си има и специфични карактеристики, со што евентуално би се создале трошоци за префрлување. Затоа, добро треба да се размисли и анализира пред да се направи lock-in со конкретен систем.

Едни од најистакнатите вредности на системите за менаџирање на содржина се алатките за додатни функции (екстензии, модули, плагини). Со нивна помош, веб-сајтот додатно ја специфицира и гради својата содржина соодтвено на намената за која служи. Предностите кои се заеднички за „големата тројка“ се: голем број на стручни лица за веб-развој, достапни онлајн форуми, веќе споменатите додатни функции, постојани апдејти, голема сигурност, лесни се за разбирање, како и нудат голем избор на темплејти (теми).

Joomla се карактеризира со достапен и разбирлив интерфејс, препорачлив за веб-сајт кој постојано апдејтира голем број на артикли. Сепак, генералниот недостаток кој важи за Joomla е дека нема конкретен издвојувачки адут, како што WordPress се смета за лесен и user friendly, а Drupal е омилен меѓу лицата кои се занимаваат со веб-развој. Сепак, поради овие предности, „недостатокот“ кај Drupal е токму тоа што е повеќе приспособен за IT стручни лица и бара повеќе време за совладување.

Нашиот избор, на кој ќе се фокусираме во оваа статија, е користење на WordPress. Лансиран во 2003-та, преставува најголемиот систем за менаџирање на содржина, базиран на PHP и MySQL. Истовремено ја поседува и блог платформата WordPress.com која брои над 60 милиони сајтови. Според последните податоци, WordPress го користат 24,2% од најголемите светски веб-сајтови.

WordPress2

Еве неколку причини зошто да го изберете WordPress како платформа за изградба на вашиот веб-сајт:

Бесплатен
Open source систем за менаџирање на содржина кој е најкористен од страна на големите светски веб-сајтови.

Најкористена платформа
Тоа што WordPress е најкористениот CMS ја зголемува неговата вредност и позитивниот фидбек од корисниците.

Лесен за инсталирање и користење
Веќе спомнавме дека јаката страна на WordPress е тоа што е премногу user friendly за користење

Плагини
Додатоците (екстензиите) на WordPress, кои го обликуваат и специфицираат веб-сајтот, ги има во изобилие за различни функции и намени.

Search Engine Optimization (SEO)
Оптимизирањето на веб-сајтовите кон сајтовите за пребарување е една од најважните параметри според кои се гради онлајн посетеноста и довербата. WordPress е лесен и настроен спрема добар search engine optimization, истовремено нудејќи неколку плагини кои треба да бидат од помош за корисникот кон подобра оптимизација.

Адаптибилен
Веб-сајт базиран на WordPress може да варира од обичен блог со само еден корисник, до поголем портал кој ќе содржи повеќе автори. Возможно е да еволуира како што и онлајн бизнисот на сопственикот ќе еволуира.

Голем избор на темплејти
WordPress нуди можност за изградба на сосема нова тема (дизајн) на веб-сајт, или пак избор на некоја од постоечките бесплатни или премиум темплејти.

Постојани апдејти
Софтверски и системски надополнувања на WordPress кои можат да се наместат за промена или автоматски или мануелно.

Помош
Достапност на онлајн форуми на стручни лица на повеќе јазици (меѓу кои и македонскиот) кои овозможуваат постојана корисничка поддршка.