Како функционира онлајн маркетингот?

Онлајн маркетинг (или интернет маркетинг, е-маркетинг) претставува еден од главните елементи на е-бизнисот и го подразбира концептот на приближување до потрошувачите, додавање вредност на продуктите, проширување на можностите за дистрибуција и слично, и сето тоа овозможено преку маркетинг миксот и дигиталните медиуми за комуникација.

Како се прави маркетинг план?

Авторот Paul R Smith во своето дело SOSTAC: The Guide to your Perfect Digital Marketing Plan зборува за структура од елементи познати под кратенката SOSTAC® (PR Smith’s SOSTAC® Plan) која дефинира како треба да се направи еден онлајн маркетинг план.

Situation analysis (Појдовна анализа): Каде се наоѓам сега?

Онлајн светот се шири со голема брзина и треба континуирано да се следат сите трендови и динамични промени кај потрошувачите.

Objectives (Цели): Каде сакам да бидам?

Целите треба да се насочат кон зголемување на продажбата, зголемување на вредноста на продуктот онлајн, приближување до потрошувачите, намалување на трошоците и давање дополнителна вредност на продуктот.

Strategy (Стратегија): Како да стигнам до целта?

Стратегијата се однесува на дефинирање на една голема слика за тоа како ќе се остварат предвидените цели. Ова се остварува преку маркетинг миксот.

Tactics (Тактики): Кои конкретни чекори треба да ги преземам?

Специјализирани детали за пософистицирано решавање на сите проблеми и предизвици. Тактиките може да се поделат на: планирање, досег до посакуваната публика, делување кон истата, конверзија (задржување) и поврзување со публиката.

Actions (Акција): Конкретизација на тактиките

Преземање на конкретни чекори кои ќе водат до остварување на целите поставени од корисникот.

Control (Контрола): Мерење на перформансите

Постојано е потребно да се анализираат сите промени и да се интервенира доколку е тоа потребно.

SOSTAC® is a registered trade mark of PR Smith.
Повеќе информации за SOSTAC®

marketing

Маркетинг микс

Маркетинг миксот претставува концепт, рамка која помага во пристапот на маркетарите за подобро поставување на производот. Познат е и како 4P, односно составен од елементите производ, цена, дистрибуција и промоција, а во новото време, посебно за услужните дејности се додадени и уште 3 елементи: одговорните луѓе, физички доказ и процес. Што значат овие елементи во онлајн светот?

Product (Производ)

Пронаоѓање на соодветен производ за кој има потреба на пазарот и зголемување на неговата вредност со помош на информациските алатки.

Price (Цена)

Онлајн цените се познати под тоа што се „под притисок“ надолу поради големата конкуренција. Потребно е постојано да се анализираат нови бизнис модели за генерирање приходи.

Place (Дистрибуција)

Мултиканалите на дистрибуција во онлајн светот се клучни за успехот на долг рок, додека истовремено се задоволуваат потребите на потрошувачите.

Promotion (Промоција)

Користење на соодветните медиуми со конкретна тартетизација за да се стигне до посакуваната публика од потенцијални потрошувачи.

People (Одговорни луѓе)

И покрај тоа што човечката рака е заменета од машините за многу работи во информациската ера, за комплетното задоволство кај потрошувачите, добриот контакт и поддршката од одговорните луѓе за производот е пресудна работа.

Physical evidence (Физички доказ)

Онлајн „трагата“ која ја остава еден производ преку Интернет медумите за комуникација е многу значајна за градење свесност за брендот и негово позиционирање.

Process (Процес)

Процесот на одвивање („производство“) на производот онлајн многу влијае на неговата долготрајност и конкурентност.

post-marketing-1

Како да се изгради бренд?

Постојат повеќе техники и методи за градење на посетеност на веб-сајтот, кој потоа треба да дојде до главната цел – генерирање приходи. Меѓу нив главните се: маркетинг на пребарување, односи со јавност онлајн, партнерствата, интерактивни реклами, е-маил маркетинг и вирален маркетинг. Овие онлајн алатки потоа треба да се интегрираат со традиционалниот офлајн маркетинг, кој меѓу другото содржи: рекламирање, спонзорства, диретна пошта или word of mouth.

Интернетот денес не е еднонасочна алатка каде кориснците само читаат и се информираат, туку тие истовремено комуницираат и прават интеракција. Во денешно време, кога станува збор за онлајн маркетингот, едни од убедливо најважните поими се search engine optimization (SEO) и social media optimization (SMO). Станува збор за рекламирање преку најкористените форми на веб-сајтови – веб-пребарувачите и социјалните медиуми.

Search Engine Optimization (SEO)

Пребарувачите се веројатно најважен фактор за градење на веб-посетеност и еден од најважните за генерирање продажба и приходи. Оптимизацијата кај нив, е всушност трката да се излезе што погоре во резултатите. Кога последен пат сте ја отвориле втората страна за определено пребарување на Google? Токму така.

Search engine optimization може да се направи или органски, или платено (на Google е позната платформата Google AdWords). Органски, оптимизација може да се прави со:

1. Клучни зборови на веб-сајот

2. Метатагови

3. Мапа на сајтот

4. Линкови од слики

5. Екстерни линкувања

Со pay per click, односно платеното рекламирање, вие плаќате за вашата реклама (која не се разликува од форматот за стандардно прикажување на резултати на веб-пребарувачите) да се појавува на определени клучни зборови. По пат на „аукција“, вие се борите со определна цена по клик, комбинирана со квалитетот на вашата содржина, вашата реклама да излезе што погоре и да ја истисне конкуренцијата што исто така се бори против вас.

Овој вид на рекламирање треба добро да се истражи и да се проверат соодветните клучни зборови, да се избегнат негативните (кои носат „залутани“ посети кои нема да генерираат никакви конверзии), и постојано да се анализираат сите ефекти и промени.

Social Media Optimization (SMO)

Кога станува збор за социјалните медиуми, овде не се сметаат само мрежите за поврзување како што се Facebook, Twitter, LinkedIn и Google+, туку овде влегуваат сите онлајн места кои поттикнуваат поврзување и интеракција помеѓу корисниците. Тука спаѓаат и блоговите со коментари, форумите, слободните енциклопедии и ресурси на знаење и слични.

Кога имате прилика да го слушнете мислењето на корисниците за вашиот бренд, тоа не треба да се зема здраво за готово. Секоја информација е значајна и клучна при изградба на одреден бренд. Добриот збор се шири вирално и ќе ви овозможи добра почетна репутација пред потенцијалната нова публика. Но, внимавајте, во ерата на социјалните мрежи, лошиот збор се шири неколкукратно побрзо.

Треба да имате на ум дека не може да се поставите на ист начин на сите социјални мрежи. Една е стратегијата која треба да ја употребите на Facebook, а друга на Twitter, на пример. Важно е да воспоставите интеграција меѓу сите нив и да воспоставите препознатлив начин на комуникација и интеракција.

Едно е заедничко, корисниците најчесто сакаат да се забавуваат, и да бидат наградувани. Оваа тактика им има успеано на многу брендови. Користете ги социјалните мрежи за информирање, но пред сè, покажете ја и вашата креативност.

Оптимизацијата на социјалните медиуми може да се оствари преку повеќе начини, меѓу кои и:

1. Креирање на содржина која корисниците ќе сакаат да ја споделуваат (виралност)

2. Наградување на поврзаноста на корисниците со брендот

3. Креирање на кориснички генерирана содржина

4. Постојана анализа на работењето на страните на социјалните мрежи

5. Анализа на различни делови (таргети) од публиката и мерење на нивната успешност

6. Тестирање на различни содржини