Како до повеќе читатели на твојот блог?

Започнување со свој блог денеска е мошне лесно со платформa како што е WordPress. Но, откако ќе го објавиш твојот блог, следниот најголем предизвик е да го зголемиш сообраќајот на твојот веб сајт и да привлечеш што е можно повеќе читатели.

Иако квалитетната содржина е причина број еден за успешност на еден блог, постојат повеќе начини како можеш подобро да го оптимизираш истиот.

Наслови на текстовите

Насловите се првата работа што го гледаат корисниците. Можеш да го имаш и најдобриот блог пост, но ако насловот не ја долови интересната содржина, никој нема да го прочита постот.

Моќен наслов на блогот може да ти донесе многу повеќе прегледи на сајтот, дури и за 500% повеќе. Со толку многу содржина онлајн, само со креативен и уникатен наслов имаш поголеми шанси да привлечеш потенцијални читатели.

До 80% од корисниците може и да не го прочитаат твојот текст доколку насловот не им го привлече вниманието.

Типови на наслови

Постојат 5 типови на наслови кои што најчесто се користат:

  • Нормални (Начини со кој ќе се подобри посетеноста на твојот блог)
  • Прашални (Што ги привлекува читателите за да го отворат твојот блог?)
  • Како до… (Како до повеќе читатели на твојот блог?)
  • Набројувања (10 начини како да привлечеш повеќе читатели на твојот блог)
  • Обраќање до читателот (Неколку чекори како твојот блог да го посетуваат повеќе читатели)

Според истражувањата, најголем CTR (click-through rate) имат наслови со карактери помеѓу 90 и 99. Но, не секогаш треба да се водиш по овие статистики, затоа што насловот треба да има и смисла.

Алатки за помош за добар наслов

Доколку заглавиш со смислување на крeативен наслов, постојат бесплатни алатки кои може да ти помогнат околу креативниот процес.

4U на насловите

Според Melanie Duncan, секој наслов треба да содржи 4U елементи:

  • Useful (Корисен) – Оние наслови кои што ќе предизвикаат интерес кај тебе се и оние наслови кои што нудат нешто корисно, најчесто некое решение или совети.
  • Urgent (Итен) – Наслов кој што „брзо” ќе одговори на барањата на читателот.
  • Unique (Уникатен) – Луѓето секогаш сакаат да прочитаат нешто ново. Кога ќе пребараат одредена тема, излегуваат постови кои што најчесто се слични еден со друг. Затоа, твојот твојот наслов треба да биде различен, уникатен и да содржи интересни и впечатливи зборчиња што ќе ги натера корисниците да кликнат.
  • Ultra-Specific (Ултра-специфичен) – Еден од начините да го направиш твојот наслов да биде ултра-специфичен е да вметнеш бројки. Пример – 10 начини како да го зголемиш сообраќајот на твојот веб сајт. Овој тип на наслов е популарен и перформира доста добро, затоа што читателите знаат точно што добиваат.

Квалитетна содржина

Откако насловот ќе ги привлече читателите да го отворат твојот сајт, содржината е следното нешто на кое што треба да обрнеш внимание. Многу е важно содржината да се планира, како и темите што ќе ги обработуваш.

Доколку немаш идеја, најчесто инспирација може да се добие од форуми каде што се стапува во интеракција со други блогери и читатели. На крај, за која тема и да се одлучиш, треба да соодветствува со другите содржини на твојот блог.

Страни од каде што  можеш да се инспирираш за твојата следна содржина:

  • Quora – место каде што може од прашање да дојдеш до следна твоја идеја
  • Ubersuggest  – е алатка со која што преку уникатен клучен збор ќе ти помогне да пронајдеш интересна содржина
  • Answer The Public  – е автоматизирана алатка која ќе ти даде резултати од клучен збор и теми поврзани со она што е пребарано.

Постојат различни типови на содржини но според неколку истражувања, оние блогови кои што вклучуваат инфографик, се најсподелувани и најчитани, дури и за 33%. Aко сакаш твојот пост да биде популарен, вметни интересен инфографик каде што статистичките податоци може да ги претставиш на визуелен начин.

Стара содржина

Од време на време е добро да ги обновиш твоите постари постови. Ако не знаеш кои постари содржини да ги обновиш и дополниш, најдобро ќе видиш од резултатите од Google Analytics или Google Search Console, за тоа што најмногу се пребарува и чита на твојот блог.

Оние содржини кои претходно биле повеќе читани, но поради застареноста на информациите нивната читаност се намалила, освежи ги и објави ги повторно. 

Визуелност на блогот

Изгледот на блогот исто така игра важна улога во зголемување на посетеноста. Добро средена визуелна содржина го прави блогот полесен и поинтересен за читање.

Според анализата на Canva, постови кои што содржат слики се за 94% попрегледани во однос на оние постови што немаат.

Алатки со кои што ќе можеш да го направиш твојот блог да изгледа визуелно подобро:

  • Canva – бесплатна алатка со која што можеш да уредуваш и креираш слики и видеа.
  • Snappa – уште една бесплатна веб апликација која што функционира по метод drag and drop и е лесна за употреба. Дизајните што ги креираш можеш да си ги зачуваш во папка.
  • Animaker – со оваа алатка ќе можеш лесно да креираш и споделуваш видеа.

Брзина на сајтот

Времето кое што е потребно за да се отвори твојот веб сајт може да влијае на рангирањето на Google.

Според Google, брзината на отворањето на сајтот е еден од факторите кој влијае на која позиција ќе се најде твојот блог при пребарувањата, и затоа е важно страната да се отвори најбрзо што може.

Дури 53% од посетите кои што доаѓаат од мобилен телефон ја напуштаат страната доколку не се отвори за 3 секунди. Половина од посетителите на блогот очекуваат дека истиот ќе се отвори за 2 секунди. 75% од корисниците брзината ја рангираат како најважна од погледот на UX (user experience).

Алатки со кои може да ја провериш брзината на твојот сајт:

Споделување на содржината на социјални медиуми

Последно, но не и најмалку важно е споделувањето на содржината на социјалните медиуми.

Денеска социјалните медиуми како Facebook, Instagram или Twitter имаат милијарди корисници, кои што може да го видат твојот блог доколку користиш правилни алатки и стратегија. Се додека е таргетирана вистинската публика и содржината е релевантна за нив, за кратко време ќе добиеш позитивни резултати.

Секогаш е добро, одвреме на време повторно да ги споделиш твоите постари постови на социјалните мрежи. Така ќе го добијат вистинското внимание и сообраќајот на твојот веб сајт значително ќе се зголеми.