Што значи новата либерализација на .мк доменот

Овој текст е кратко објаснување и една анализа на тоа што би значела либерализацијата на .мк доменот, какви промени ќе се случат и колку крајните корисници ќе бидат задоволни од промените што ги најави Министерството за информатичко општество и администрација, како и самата институција одговорна за управување со .мк доменот – МАРНЕТ.
МКхост - Регистрација на домени во Македонија
Доколку немате време да го читате целиот текст, сумарно, најглавната промена која може да се увиди од оваа либерализација на Марнет е следново:
Либерализација на .мк доменот значи отварање на повеќе „пунктови“ на компании – соработници на Марнет, каде корисниците наместо да одат само во Марнет – Скопје, ќе можат штампаните барања и документи, потребни да се регистрира .мк домен, да ги доставуваат до новите пунктови по нивен избор по цена дефинирана од компанијата соработник на Марнет.
 

Што изјави министерот за Информатика во врска со либерализација на .мк доменот во медиумите пред неколку месеци

Пред неколку месеци, министерот за Информатичко општество и администрација Иво Ивановски даде изјава и објасни малку повеќе во врска со либерализацијата. Следниот цитат е превземен од порталот Фактор, а линкот каде се наоѓа целата вест е следен ( http://faktor.mk/archives/68554 ).

Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, со тој проект сите граѓани ќе можат да регистрират уште една услуга по електронски пат, без посета на шалтери, пополнување формулари и нивно испраќање до МАРнет, како и да почнат свој бизнис многу побргу од постоечките процедури.

– Еден од проектите што ги вети Владата е електронско регистрирање домени и поддомени на мк, со цел да се овозможи од кое било место да може електронски  да се достават, да се плати електронски и нивниот домен електронски да биде регистриран во кој било период од денот, изјави денеска министерот Ивановски.

Тој ги повика сите компании кои се заинтересирани да станат регистрари за да можат да нудат услуги за граѓаните за регистрирање домени да се обратат до МИОА и МАРнет од понеделник.

– Ќе имаат период  од еден месец технички да ги подготват своите системи за да можат од 1 октомври сите институции, организации и компании од приватниот сектор што ќе искажат интерс да се поврзат со овој систем и да ги препродаваат на некој начин домените во име на МАРнет да може да почнат да функционираат, појасни  Ивановски.

Она што го изјавил министерот јасно вели дека сите граѓани ќе можат да регистрираат .мк домен по електронски пат, без посета на шалтери (новите пуннктови што погоре ги споменав), без пополнување на формулари. Тој исто вели дека со овој проект на либерализацијата на .мк доменот ќе може од било кое место електронски да се плати и регистрира .мк домен во било кое време од денот. Сето ова е одлично, овој начин на регистрација на .мк домени би ги направил крајните корисници најсреќни, но новиот правилник кој Марнет го донесе не го вели истото.
Според член 16 од правилникот на Марнет се вели:
Регистрација на домени врши МАРнет.
Правото да вршат регистрација на домени МАРнет може да го пренесе и на трети лица во својство на регистрари, со кои ќе биде склучен договор.
Барање за регистрација на д
омен регистрантот поднесува кај регистрар по негов слободен избор.
Барањето се поднесува на образец објавен на интернет страницата на МАРнет, а кој содржи:
податоци за регистрантот, податоци за доменот, податоци за контактите, имињата на именските опслужувачи на кои е поставен доменот како и потпис на подносителот.
Кога барањето се поднесува по електронски пат тогаш се потпишува со електронски потпис согласно прописите за електронски потпис.
Marnet Logo
Марнет Лого
Новиот правилник на Марнет вели дека корисникот ќе мора да пополни барање, да стави потпис на него и да се достави до Марнет или до новите „пунктови“ – фирми соработници со кои Марнет ќе направи договор. Единствено, работата електронски ќе може да се заврши доколку корисникот поседува електронски потпис. Исто така, физичките лица кои ќе вршат регистрација на домени ќе мораат лично да ги носат документите до фирмите соработници  кои ќе можат да регистрираат домени или во Марнет. Корисниците кои лично ќе ги носат документите ќе мора и да се идентификуваат преку документ за лична идентификација (лична карта, пасош и слично).

 

Како беше до сега

За оние кои не се информирани за ситуацијата која беше активна до сега (и која сеуште е активна – до моментот на потпишување на првата партнер фирма на Марнет) за тоа како се одвиваше процесот за регистрација на еден .мк домен, ќе дадеме кратко објаснување.
За регистрација на .мк домен беа потребни ( и сеуште ќе бидат потребни ) документите:
  •     Барање за регистрација пополнето во електронска форма и испечатено
  •     Правни лица: копија од Тековна состојба од Централен регистар
  •     Физички лица: Документите се доставуваат лично
  •     Копија од уплатница
И сите документи се доставуваа лично само во Марнет – Скопје.
Втор начин, за оние кои не сакаа да одат низ оваа процедура со документи, беше да најдат фирма која ќе посредува меѓу Марнет и нив (крајните корисници на доменот). Како на пример нашата хостинг компанија – МКхост која регистрираше домени по барање на крајните наши корисници, се со цел тие да ги избегнат процедурите со Марнет. Повеќето хостинг компании и други посреднички фирми го правеа истото и регистрираа домени за крајните корисници, затоа што беа „уходани“ во целата оваа процедура и затоа што за нив беше јасен и познат целиот концепт и имаа повеќе регистрации во одреден период.
Периодот за регистрација на доменот со текот на годините се убрза, благодарејќи на новиот тим на Марнет и ажурноста која ја воведоа, но сепак, регистрација за време на викенд и во доцните временски часови не беше можна и нема да биде можна и со новата либерализација. Единствено, со новата либерализација, ова би било возможно доколку некоја од партнер фирмите на Марнет отвори свој пункт кој би бил достапен физички 24/7/365 каде корисниците кои сакаат да купат домен ќе го посетат лично со спремната документација.

Што ново воведе Марнет

Марнет направи либерализација на .мк доменот, со што овозможи на компании да се пријават и да вршат регистрација на .мк домени. Ова е најголемата промена за која зборуваме во овој блог пост. Ова значи дека било која компанија може да се пријави и да врши регистрација на .мк домени, односно да добие статус регистрар. Секако, претходно треба да исполнува одредени барања, да креира сопствен систем каде ќе се чуваат сите податоци за корисниците и да се прилагоди на тестирањата на новиот систем за регистрација на домени. Новата компанија која ќе добие статус регистрар од страна на Марнет, ќе ја врши истата функција која ја вршеше до сега Марнет, односно ќе прима барања од корисници за регистрација на домени, ќе дава поддршка на корисниците кои закупиле домен од кај нив, ќе ги известува корисниците за истек на домените, ќе води евиденција за плаќање, евиденција за секој вид на промени во досието на доменот и сите останати услуги кои Марнет ги вршеше до сега.
Функцијата на Марнет ќе остане иста и корисниците ќе можат и понатаму да ги регистрираат домените во Марнет, но со оваа промена Марнет овозможува на корисниците да изберат каде ќе го однесат своето барање и каде ќе го регистрираат својот домен. Идејата е да се креираат повеќе „пунктови“ на фирми – соработници на Марнет каде ќе ги примаат и обработуваат барањата на крајните корисници кои ќе сакаат да регистрираат .мк домен.
На овој начин, корисниците кои не се од Скопје ќе можат да ги носат барањата и во други градови (каде ќе се појават новите фирми – регистрари). Сепак она што ќе остане исто и непроменето е што ќе мора повторно да се штампаат и носат барања со потпис и печат, како и лично за физичките лица.
Интересно е што секој регистрар ќе ги продава .мк домените по своја однапред дефинирана цена, така што корисниците ќе може да бираат каде највеќе им одговара и таму да го регистрираат доменот. За она што ќе добијат корисниците со ова ќе зборуваме подолу во постот.
Марнет воведе нов изменет правилник со повеќе дефинирани промени и поправки на одредени работи кои не беа целосно дефинирани со стариот правилник.
Го отстранија правилото со кое доколку поседувавте ист назив на доменот со една наставка, без ваше одобрение друг не може да регистрира ист назив на домен со друга слободна наставка. На пример доколку компанијата А го поседуваме доменот: primer.mk, вие како компанија Б ќе нема да може да го регистрирате доменот primer.com.mk без претходно одобрение од компанијата А која го поседува primer.mk. ( Ова правило ќе биде укинато официјално започнувајќи од 01.01.2014 ).
Го решија проблемот со „заглавените“ домени кои беа регистрирани пред 2003-та година. Така да во рок од неколку месеци, доколку крајните корисници не ги обноват овие домени, истите ќе бидат избришани и достапни за било кого. Со стариот правилник овие домени беа заштитени на некој начин и немаа точно дефиниран период на истек, со што и доколку одреден домен не беше во функција и неговиот сопственик повеќе не постоеше истите беа сеуште активни.

Што добиваат крајните корисници со либерализацијата на .мк доменот

  • Крајните корисници ќе можат да бираат каде ќе ги регистрираат своите домени (ќе постојат повеќе институции како Марнет, каде ќе можат да се доставуваат барањата за регистрација) – значи ќе имаат избор. Оние корисници кои не живеат во Скопје ќе можат да ги носат барањата и во други градови каде што Марнет ќе има свои партнер фирми (регистрари)
  • Корисниците ќе можат да бираат и во однос на цена и квалитет на поддршка кај новите регистрари. Цената за регистрација на .мк домените ќе варира од регистрар до регистрар, но нема да биде поевтина од моменталната.
  • Доколку одреден корисник не е задоволен од моменталниот регистрар, лесно ќе може да се префрли кај друг регистрар
  • Во зависност од регистрарите, корисниците ќе можат да вршат online промена на ДНС серверите за доменот во било кое време

Фирмите што посредуваа кои ќе земат лиценца од Марнет за регистрација на .мк домени ќе нема да може повеќе да посредуваат домени за крајните корисници

Со новата либерализација ќе се лимитираат регистрарите (компаниите кои ќе добијат лиценца од Марнет за раководење со .мк доменот) да не може да регистрираат повеќе од 30 домени во својство на регистрант, односно Марнет сака да го отстрани посредувањето на одредена компанија во улога на регистрант да регистрира домени во нејзино име за крајни корисници.
Па така, оние корисници кои не сакаа да се „замараат“ со документациите сега ќе мора да го прават тоа, затоа што фирмите кои посредуваа за нив и кои ќе добијат лиценца за регистрација ќе нема да можат да го регистрираат доменот во сопственост на самата компанија регистрар.

Зошто Марнет не се одлучи да го ослободи .мк доменот да може било кој online без документи да регистрира домен?

Најверојатно, главната причина поради која Марнет не го ослободи .мк доменот целосно, е контролата врз сопственоста на домените, односно Марнет сака да знае во секое време кој е правилниот сопственик на доменот, однапред докажан преку барање со потпис и печат (ако е компанија) и потпис, лично присуство и идентификација со документ доколку е физичко лице.
Ако овие барања и документи се отстранат, тогаш Марнет „се плаши“ дека ќе настане хаос во .мк доменот и ќе немаат целосна контрола врз тоа кој точно е правилниот сопственик на одреден регистриран домен, односно крајните корисници би можеле да ставаат невалидни и неточни информации при регистрација на доменот.
За потсетување, на пример интернационалните генерички домени (.com .net и слично) може да се регистрираат без документи и лични идентификации и потписи, односно online преку овластени регистрари кои само бараат електронски внес на вашите податоци.

Дали ви се допаѓа новата либерализација на Марнет ( Анкета ):

[yop_poll id=”2″]
– Ми се допаѓа како што беше до сега ( регистрација на домени само во Марнет (Скопје), лично со барања и документи ) или регистрација на доменот преку фирма посредник за мојот домен (пример МКХОСТ ДООЕЛ да го регистрира мојот сакан домен и да ми го даде да го користам без да морам јас да носам документи и барања)
– Ми се допаѓа либерализацијата ( пак ќе мора документи, но сега ќе имам избор каде да ги носам барањата и документите (во Марнет – Скопје, во Скопје кај други регистрари кои ќе добијат лиценца или ако сум од друг град и ако во мојот град има регистрар кој добил лиценца) , но ќе нема да може фирмата регистрант да ми биде повеќе посредник на домените – сега и тие што не сакаа да се „замараат“ со барања и документи ќе мора да го прават тоа ако сакаат .мк домен)
– Сакам да можам online без лично доставување на документи да регистрирам .мк домен