Како изгледа еден работен ден во тимот на МКхост?

Како изгледа работен ден во една хостинг компанија веројатно претставува мистерија како за нејзините клиенти, така и за пошироката јавност. Еден поглед во нашите простории е доволен да се види кохезивната и синхронизирана атмосфера во работењето на тимот на МКхост.

Поминавме време заедно со нашите систем администраторки, девојките кои се грижат сајтовите на нашите корисници постојано да бидат достапни онлајн. Да ги запознаеме Александра Чинговска и Катерина Трајковска, кои повеќе од една година се дел од нашиот тим. Како тие го поминуваат својот работен ден?

Предизвик е да се помага на корисниците

„Денот започнува со расонување, а за тоа тука се кафето и чајот“ вели Александра.

„Потоа продолжуваме со преглед на тикети, проверка на серверските статистики, а понатаму се насочуваме кон решавање на тековните проблеми, како и работа на проекти предвидени за тој ден“.

Катерина додава дека е предизвик и задоволство да се излегува во пресрет на сите потреби на корисниците:

„Најчесто барањата се поврзани со нивните маилови или серверски потреби на сајтовите. Остатокот од денот сме посветени на конфигурација на серверите, како и нивно постојано одржување, со цел да обезбедиме непречено работење на сите клиенти хостирани кај нас“.

Што кога ќе се случи посериозен проблем?

Секако, работење со обемен број на корисници, подразбира дека повремено може да се јават и некои посериозни предизвици и проблеми.

„Кога и да излезе нешто посериозно, гледаме брзо да се координираме и да ги поделиме обврските, со цел лесно лоцирање на проблемот, како и негово брзо надминување“, споделува Катерина, додавајќи дека проблемите до сега лесно се надминувале со добра организација.

Александра дополнува дека помошта од останатите тимови е секогаш добредојдена.

„Целиме кон наоѓање решение во заемна комуникација и во координација со другите тимови, додека истовремено ги опслужуваме клиентите кои се афектирани од проблемот“.

Другата страна на работата

Меѓутоа, 8-те часа во еден работен ден во МКхост не се фокусирани само на „седење пред компјутер“.  Сите тимови постојано се дружат и комуницираат помеѓу себе.

„Имаме пријателска и комуникативна атмосфера и опуштен амбиент. Секогаш се добредојдени идеи за тоа што да слушаме денес во канцеларија и што да јадеме“, се смее Александра.

Катерина се согласува со Александра, и додава дека ја сака опуштената атмосфера која владее во тимот.

Самата локација на компанијата во трговскиот центар Капитол мол во Аеродром овозможува достапност до голем избор на кафулиња и ресторани во кои се собира тимот за време на паузите, како и после работното време. Тука освен неформални разговори, секогаш се иницираат и нови и креативни идеи за развојот на МКхост.

МКхост е во потрага по зголемување на тимот 

Се поголемиот број на корисници кои се приклучуваат на најголемото хостинг семејство во Македонија, подразбира дека и во самата компанија се отвораат можности за зголемување на својот тим.

Во овој момент се отворени неколку огласи за работа во МКхост, кои може да се погледнат на нашата страница за Кариера.