Е-бизнис трендови во 2016-та

Онлајн бизнисите и маркетингот растат како никогаш досега, а за да се биде успешен, односно да се привлече вниманието на потрошувачите, да се генерира профит, и да се земе што поголем удел од пазарот, потребно е постојано да се биде во чекор со светските трендови.

Е-бизнисот ги доживува своите златни денови, но проценките се дека ќе расте уште повеќе во годините кои претстојат. Интернет продажбата и во Република Македонија го продолжува својот континуиран раст и развој. Кои се дел од новите начини за да се се стигне до клиентите?

 

Купување преку мобилни уреди

Иако се чини дека на корисниците секогаш им е полесно да истражуваат за посакуваниот производ, да споредуваат и да купуваат преку десктоп компјутер, неизбежно е дека мобилните уреди и таблети сè повеќе го заземаат нашето време поминато онлајн.

Оттука, неизбежно е оптимизирање на вашата мобилна верзија за полесно искуство на корисниците. Размислете и за инвестирање во мобилна апликација.

Content маркетинг

Банерите како форма на интернет рекламирање ја губат својата вредност, слично како што голем дел од луѓето ги одбегнуваат рекламите на телевизија. Content маркетингот, преку содржини вредни за потенцијалните потрошувачи, ја гради својата избрана таргет публика од која треба да го извлече клучниот профит.

Во денешно време, корисниците на Интернет повеќе сакаат да научат нови информации за вредни и корисни работи, отколку да гледаат класични реклами за производи. Вашиот бренд треба да ги определи клучните вредности кои ќе ја зголемат сатисфакцијата на потрошувачите, и да ги искористи за презентирање во вид на content маркетинг.

Видео маркетинг

Автоматското стартување на видео содржините на социјалната мрежа Facebook, како и новата опција за live видеа, новата опција за реклами на Instagram, како и новиот „бран“ на социјални мрежи како што се Snapchat и Periscope, даваат нова димензија на зборот „видео“ на Интернет. Подвижните слики се достапни во реално време како никогаш досега.

Сè поголем број на бизниси се одлучуваат да го привлечат вниманието на потенцијалните клиенти со таргетирани видеа, а цената за ваквиот вид на рекламирање е веројатно на најповолното ниво досега.

Онлајн шопинг денови

Сајбер понеделникот минатата година во САД постигна 3 милијарди долари во продажба, додека најголемиот онлајн шопинг ден во 2015-та година го имаше Кина со неверојатна продажба од 14,3 милијарди долари (пораст од 60% во однос на 2014-та).

Трендот на специјализирани онлајн шопинг денови во светски рамки продолжува и годинава, а истата ја покажува на дело импулсивноста на потрошувачите, кои се лимитирани во определен период да донесат одлука за купување. Во ваков стил, МКхост во март годинава направи несекојдневна еднодневна промоција.